Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на блог секцијата Македонско најдобро, ја објави семејната приказна за неготинецот Марјан Филипов. Се работи за семејство – производители на грозје и преработувачи на маџун – природен, без додатоци, варен по стар македонски рецепт.
Филипови со генерации наназад произведувале маџун, познат како „македонскиот природен еликсир“, кој се правел со часови внимателно варење на гроздов сок, без никакви додатоци. Овој процес, стар повеќе од илјада години, се пренесувал од колено на колено.

Како што е истакнато на блогот на министерството, Филипови со гордост ја продолжувале традицијата, почнувајќи од 2015 година, подготвувајќи го маџунот на истиот начин како што го правеле нивните баби и дедовци – на тивок оган, во големи шерпи, со многу трпение, знаење и љубов.
Започнале со една шерпа и голема волја, а потоа се соочиле со предизвик, како да го пласираат производот. На почеток им било тешко, но цело семејство работело сплотено и самите ги набавиле сите материјали и работни машини.
Ги надминале почетните препреки и нивниот маџун денес е препознатлив производ на пазарот. Сега планирале да го прошират производството, да развијат нови производи базирани на маџун и да го промовираат истиот како дел од македонската гастрономска и културна традиција.
За крај, Филипови им порачаа на младите да го поддржат домашното производство и да ги ценат традиционалните производи, а пак на потрошувачите им порачаа да избираат домашно, со што се поддржуваат домашните производители и се придонесува за одржување на традиционалните занаети.
Деск
Фото: МЗШВ

