Нашиот народ уште еднаш покажа дека секогаш е тука да подаде рака во тешките моменти, вели пчеларот Атанаско Шишков, кој иницираше хуманитарна акција за помош на малата Симона од Кавадарци. На девојчето му е потребно многу скапо лекување во странство, за да може да застане на нозе, и веќе подолг период се собираат финансиски средства.
Со цел да помогне, Шишков заедно со повеќе пчелари од Тиквешијата, на кои подоцна им се приклучиле и пчелари од цела земја, вчера на штанд на градскиот плоштад во Кавадарци продаваше мед, а средствата се наменија за Симона.
За ВИКИМЕДИА тој вели дека акцијата имала огромен одзив и за само четири часа целиот мед бил распроден.
-Се собраа околу 150 килограми мед, кој се распродаде за четири часа. Средствата во висина од 90.300 денари ќе бидат веднаш уплатени на сметката за донации на семејството на Симона.
Благодарни сме на сите граѓани кои дојдоа и дадоа свој придонес. Народот од Тиквешијата докажа дека емпатијата и солидарноста се дел од него, и се надеваме дека со оваа акција барем делумно ќе му помогнеме на семејството на малото девојче. Да бидеме инспирација за заедницата, и да не дозволиме луѓето кои минуваат низ тежок период, сами да ги бијат своите битки, истакна хуманиот пчелар.
В.К.

