Една од ретките музички групи на нашата сцена, но и пошироко, која успеала да опстане во ист состав од самото формирање и успешно да функционира цели 14 години, е познатиот Ориентал Бенд.
Вокалистката Лидија Паскова и музичарите Никола Дафов, Ване Биков, Далибор Ефтимовски, Ристе Бунаров, Сашко Настов, Горан Биков и Благој Глушков вчера одбележаа 14 години од содавањето на групата која е една од најангажираните и која е позната по еуфоричните настапи.

Гостуваат на свадби и семејни веселби, но настапуваат и во угостителски локали, а прифатени се од сите генерации поради богатиот репертоар, но и поради поврзаноста со публиката која е очигледна на секој нивни настап. Во време кога и бендови со многу помалку членови тешко остануваат заедно подолг период, тие, осуммината, се пример за голема колегијалност и сплотеност.
За ВИКИМЕДИА раскажуваат за почетоците, односно за тоа како бендот во овој состав пред 14 години го ,,собрал” Никола Дафов.
Велат дека се свесни како е вистинска реткост една музичка група да функционира толку долго без промена помеѓу членовите, а тоа го препишуваат на нивната решителност да ги надминат сите препреки заеднички, и научат да делат и добро и лошо.
-За сите овие години, многу поминавме заедно, и станавме како едно семејство. Ние, членовите на бендот се дружиме фамилијарно, ни стана сосема нормално да не се гледаме како колеги, туку како фамилија која е овде за секој од нас, во секое време. Се прифативме сите во целост, такви – какви што сме, и тоа наше заедништво се покажа како формула за успех.

И на сцената се гледа и чувствствува таа поврзаност и енергија, а публиката знае тоа да го препознае и ни дава уште поголем мотив да си го оставиме срцето на сцената на секој настап, раскажуваат.
Додаваат дека се водат од мотото дека со тек на годините, музиката не старее, туку станува погласна, и ветуваат дека ќе продолжат со засилено темпо заедно, и во годините кои доаѓаат.
В.К.

