Вчера во 11:00 часот во ОВР Струга е пријавено дека лице од струшкото село Велешта, при изведување градежни работи на улицата „Браќа Миладиновци“ во Струга со работна машина го поткопал темелот од јужниот ѕид на куќата-музеј на Владо Малески, која претставува споменик заштитен како значајно културно наследство. Веста одекна во јавноста, а во медиумите се објавија и фотографии од разурнатата спомен куќа на писателот Малески, авторот на текстот на македонската химна ,,Денес над Македонија”.
На слични сцени, од семејна куќа преполовена поради поткопување на темели, при извршување на градежни работи во соседен објект, во септември 2009 година сведочеа и неготинци.
Настанот се случи во центарот на градот, кога буквално на два дела беше преполовена куќата на семејството Јованови.
За среќа, беа избегнати човечки жртви, бидејќи тогаш 90-годишната сопственичка на куќата заедно со нејзиниот малолетен внук била во дворот, додека нејзината снаа била внатре во друга просторија, и како што тогаш ни изјави, ногата и пропаднала помеѓу штиците, но успеала да помине без повреди. Двете жени и детето беа потресени поради настанот, но истовремено и благодарни што останале живи. Потоа, куќата беше срушена до темел, а денес на нејзиното место се изградени нови објекти, но неготинци се уште се сеќаваат на надреалните слики од местото на настанот кои прилегаа како сцена од филм.
За случајот со спомен куќата на Малески пак, од Министерството за внатрешни работи информираат дека увид на местото извршиле претставници на Националната установа „Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид“, како и полициски екипи. 
Додаваат дека по целосно расчистување на настанот, против сторителот ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство“ по член 264 од Кривичниот законик.
Вики Клинчарова

