Дарко Трајков (33) од Кавадарци го донесе бронзениот медал за Македонија на Светското првенство во HST (High Speed Telegraphy) – брзо примање и предавање на Морзеови знаци.
Кавадарчанецот кој десет години работи како офицер во Армијата, за ВИКИМЕДИА вели дека Морзеовата азбука ја научил на свои 12 години, а инспирацијата дошла додека го гледал неговиот татко кој е радио аматер.

-Морзеовата азбука ја научив во 2004 година кога за прв пат се зачленив во Радио клубот Искра во Народна техника во Кавадарци.
Интересот за оваа област ми е од мојот татко кој е радио аматер. Кога бев мал го гледав како тој работи на радио станица во клубот и одржува врски со други радио аматери од целиот свет и така се роди и мојата желба да ја научам Морзеовата азбука, раскажува Трајков.

За Светското првенство кое се одржа од 13-ти до 19-ти октомври во Игало, Црна Гора, и бронзениот медал во RUFZ, која подразбира прием на радио-аматерски знаци со голема брзина, вели дека за него не е само личен успех, туку симбол на љубовта и посветеноста со која ја претставува Македонија.
Во изминатите петнаесет години како дел од Македонската репрезентација, тој зад себе многу трофеи, како и титула Европски првак, а во минатото бил и втор на светската ранг-листа.
За успехот кој и го донесе на Македонија во оваа специфична дисциплина, истакна дека е доказ како трудот, упорноста и љубовта кон телеграфијата секогаш носат резултати.
Вики Клинчарова

