Струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов (35) заминува од функцијата прв човек на Општина Струмица, а на негово место доаѓа Петар Јанков од ВМРО ДПМНЕ, кој го победи противкандидатот од СДСМ, Марјан Даскаловски.
Пред Костадинов, кој и посвети на партијата добар дел од својот живот, се наоѓа ново животно поглавје. Околу тоа каде продолжува, по завршувањето на градоначалничкиот мандат, човекот кој уште од своите рани 20-ти години беше дел од СДСМ, а пред избори го замрзна статусот во партијата, за ВИКИМЕДИА тој вели дека никогаш не се срамел од работа, и дека може да работи повеќе работи кои би му донеле примања.
-Јас сум професионален политичар, значи се занимавам со политика и со тоа продолжувам и во иднина. Член сум на СДСМ со замрзнат статус. Кога сме кај примањата, зависи, ќе се најдам на пазарот на трудот, јас не се срамам да работам!
Можам да работам повеќе работи, но ќе видиме, уште не е завршен мандатот, ни изјави Костадинов.
Тој по професија е економист, а во 2011 година беше именуван за претседател на СДММ – Струмица. Континуирано низ годините имаше партиски функции, односно беше член на Извршниот одбор на СДСМ, потоа член на Централниот одбор на СДСМ, портпарол на партијата, пратеник и градоначалник.
Членството во партијата го замрзна во јули годинава, откако лидерот на партијата, Венко Филипче на прес конференција соопшти дека кандидат за градоначалник на Струмица ќе биде Марјан Даскаловски.
Тогаш Костадинов истакна дека причината за таа одлука е раководството на СДСМ, и партијата треба да се врати каде што и е местото.
Вчера пак, по изборниот пораз на партијата во Струмица, порача дека било недозволиво да продолжи да владее самоволието во СДСМ, и со тоа секој еден член на партијата да биде понижен.
Исто така, повика на ремонт и ребрендирање на СДСМ.
Вики Клинчарова

