Кога станува збор за повторно враќање на Македонија на Евровизија, веќе извесен период во јавноста се провлекува името на Боби Андонов како потенцијален претставник на музичкиот натпревар. Младиот музичар, кој е роден во Австралија, а има македонско потекло, и самиот го контактирал Програмскиот совет на МРТ, и соопштил дека управно тело при Владата на Австралија за автори и композитори, се согласило да обезбеди финансиска поддршка и медиумска покриеност, ако Македонија потврди учество на Евровизија.
Ова беше потврдено и на последната седница на Програмскиот совет на МРТ, и е објавено во Записникот.
-Ивана Ефремовски (член на Програмски совет) говореше дека на меил адресата на Програмскиот совет постојано се испраќаат барања за враќање на нашата држава на Избор за песна на Евровизија.
Па така, таа информираше исто како и пред две седници, дека најголем дел од предлозите се Боби Андонов да биде претставник на Евровизија при евентуално враќање на ова музичко натпреварување, а тоа продолжува од страна на евровизиските фанови.
Но, овојпат Програмскиот совет на МРТ бил контактиран лично од овој млад пејач кој побарал неговото обраќање да се проследи и со останатите членови на Советот. Тој споделил дека управно тело при Владата на Австралија за автори и композитори веќе се согласиле да обезбедат финансиска поддршка и медиумска покриеност, доколку Македонија потврди учество.
Тој вели дека неговиот тим обезбедил дополнителен интернационален фонд за покривање на сето тоа што не е во предвидениот буџет, со што кампањата на Македонија ќе биде претставена глобално и современо без да се потрошат македонски средства. Покрај неговото писмено обраќање тој испратил и две презентации во кои се наведени бројни информации за Евровизија, за неговата кариера и зошто токму тој треба да биде претставник на Македонија на Евровизија.
Го презентирал повратот на инвестиции, градењето на глобална кампања, го претставил и тимот со кој би работел за пишување и продукција, па дури и каде би го снимил евровизискиот спот и каков стајлинг планирал да претстави. Таа напомена дека и покрај тоа што Програмскиот совет веќе се изјасни по однос на оваа тема, Советот да креира став и да одговорат на барањето, наведено е во Записникот.
Инаку, јавноста се сеќава на Боби кога во 2008 година ја претставуваше Македонија на Детска Евровизија и го освои 5-то место. Во Австралија е познат по учествата во повеќе музички натпревари и околу две децении градел меѓународна кариера.
В.К.

