Независниот кандидат за градоначалник на Општина Македонски Брод, Милосим Војнески, на социјалната мрежа Фејсбук објави дека се повлекува од изборната трка во вториот круг, притоа потенцирајќи дека е време за обединување и ставање крај на поделбите.
По првиот изборен круг на 19-ти октомври, Војнески кој настапи како независен кандидат освои 20,38 проценти од гласовите, и во вториот круг на втори ноември требаше да се соочи со кандидатот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Жарко Ристески за кого гласот го дадоа 44.49 проценти од излезените гласачи во Општина Македонски Брод.
-По бројните разговори со вас, мои сограѓани, одлучив да ја повлечам својата кандидатура. Ги разбирам сите оние кои поради различни причини ги поделија своите гласови дури и во рамките на семејствата и не би сакал дополнително да ги продлабочувам тие теми. ВМРО-ДПМНЕ е мојата матична партија – партија на која ѝ го посветив поголемиот дел од својот живот, уште од времето на осамостојувањето па сè до денес.
Свесен сум дека оваа моја одлука за многумина ќе биде изненадување, но верувајте – ова е најдоброто нешто што можев да го направам за граѓаните на нашата општина во овој момент. Секогаш ќе бидам достапен за граѓаните и ќе се обидам да помогнам колку што можам. Вашата поддршка никогаш нема да биде заборавена, објави Војнески.
Деск
Кандидатот Војнески од Македонски Брод се повлече од вториот круг за избор на градоначалник
2 Mins Read

