Куче од расата Кангал било усмртено со огнено оружје, а го пронашол сопругот на сопственичката на кучето, на нива која ја користел. Случајот го пријавил во полициската станица во Неготино, а за настанот бил известен и јавен обвинител.
-Вчера во 13:40 часот во ОВР Неготино, Г.К.(52) од Демир Капија пријавил дека на нива која ја користел кај место викано „Горна Ергела“, демиркаписко, го пронашол кучето раса „Кангал“, сопственост на неговата сопруга, кое било усмртено со огнено оружје.
Известен е јавен обвинител, увид извршила увидна екипа од ОВР Неготино и се преземаат мерки за расчистување на настанот, соопштија од СВР Велес.
Ова не е прв случај во земјава куче да биде застрелано со огнено оружје, да биде отруено со разорен отров, или пак да биде усмртено со ладно оружје, како што сведочеше јавноста пред неколку години, кога беа пронајдени искасапени трупови на кучиња со одрана кожа.
Во Демир Капија конкретно, во април 2021 година јавноста ја згрози убиство на мало куче кое беше убиено и обесено на дрво, а вознемирувачките фотографии ги објави здружението Шепасти ентузијасти. Од таму тогаш најавија дека случајот ќе го пријаават во МВР и во АХВ, но до денес нема информација за откривање на сторителите.
Од здруженијата за заштита на животните редовно апелираат до јавноста, секој случај на отруено или пак на било каков насилен начин усмртено куче, веднаш да биде пријавен во полиција.
Се апелира и до јавните комунални претпријатија, кога нивни вработени ќе наидат на труп на куче покрај контејнер, да повикаат полиција на увид, со цел да се утврди дали животното е отруено, односно дали смртта настапила по насилен пат.
-Тој што ќе усмрти животно без оправдана причина или грубо го злоупотребува или го изложува на непотребни маки или му нанесува непотребни болки или заради изживување го изложува на страдање, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години, се вели во ставот 1 од членот 233 на Кривичниот законик.
В.К.

