Голем настан, посветен на правото и правните реформи ќе се случува во Неготино од 30-ти октомври до први ноември и во градот доаѓаат стотина учесници од четири држави – Хрватска, Србија, Бугарија и Македонија. По шести пат ќе се одржат Тиквешки правнички денови, на тема ,,Реформи во правото – патоказ кон подобра иднина”.

Настанот кој ја носи правничката елита од регионот во Неготино е во организација на Институтот за правно-економски истражувања и едукација Iuridica Prima, чиј претседател е професор д-р Ангел Ристов, претседател на Синдикатот на УКИМ, инаку по потекло од Неготино. Иако тој живее во Скопје, сепак редовно ги одржува конференциите во родното огниште, како што вели, поради желбата за промоција на Неготино, а секако и поради економските придобивки кои ги има локалното население од престојот на големиот број на гости во градот.
За ВИКИМЕДИА проф. д-р Ристов раскажува дека традиционално, овие уникатни меѓународни конференции се одржуваат во неговиот роден град, бидејќи сака на гостите од регионот да им ги покаже природните убавини на Неготино и околината, но и сите историски знаменитости, како и традициите на населението, а и локалната кујна и далеку познатите квалитетни вина.
-Од досега одржаните Тиквешки правнички денови во Неготино, сите учесници, кои се докажани правници во своите матични држави, беа воодушевени од она кое се нуди во градот и околината. Слободното време при секоја конференција го користевме за посета на Музејот за олдтајмери на почитуваниот Дионис Пашлаков, манастирот Свети Ѓорѓи, Музеј и вински музеј Неготино, како и винариите во Неготино и Демир Капија. Се надевам дека и сега, на овој настан кој ни претстои, ќе се случи истото, дека гостите ќе уживаат за време на целиот престој за кој повторно се предвидени посети на овие локации.

Иако не живеам во Неготино подолг период, сепак ја користам секоја можност да го поддржам и промовирам моето родно огниште, во домен на својата област – правото.
Верувам дека сите овие ценети луѓе кои ќе престојуваат во Неготино периодов, ќе си заминат со позитивни импресии од ова мало, но топло гратче, надалеку познато по своето гостопримство, но и по традиционалните кулинарски специјалитети, вели Ристов, кој е професор на правниот факултет ,,Јустинијан Први” и е автор е на голем број на трудови од областа на правото.
И во изминатите години, кога Институтот ги организираше конференциите во Неготино, на негова иницијатива, со цел промоција на Неготино, Ристов беше истакнат како позитивен пример помеѓу неготинци, поради тоа што не ги заборава своите корени и се труди да допринесе за градот, претворајќи го во централно собиралиште на домашната и регионална правничка елита.
Вики Клинчарова

