Актуелниот градоначалник на Општина Демир Капија од редовите на СДСМ, Лазар Петров, по третпат ја бара довербата на своите сограѓани, чии гласови ќе одлучат кој ќе ја води општината во наредните четири години, на втори ноември, во вториот круг на Локалните избори.
Во првиот круг тој освои 974 гласови, односно 43,25 проценти, наспроти Наталија Димитриева од ВМРО-ДПМНЕ, која освои 1.006 гласови, односно 44,67 проценти од гласовите.
За ВИКИМЕДИА Петров раскажува кој бил мотивот повторно да се кандидира за градоначалник на општината, со што се соочил кога за првпат дошол на функција пред осум години, кои предизвици ги надминал, но и што можат да очекуваат демиркапијци од него во наредните четири години, доколку ја добие нивната доверба.
ВИКИМЕДИА: Кој беше мотивот за повторно да се кандидирате за уште еден градоначалнички мандат?
Петров: Основен мотив за мојата повторна кандидатура е мојата љубов кон нашата Демир Капија, нејзиниот напредок, благосостојбата на нашите граѓани. Поминавме долг пат, но имаме уште многу пред нас, многу работи кои се започнати и треба да се довршат, но многу и допрва ни претстојат. Потребно е уште време, работа и труд за да се испише една успешна приказна. Имам уште неколку капитални проекти, идеи и решенија што сакам да ги довршам и со тоа да оставам траен белег на мојата работа како Градоначалник. Сакам Демир Капија да стане уште поубаво место за живеење, да нема причини луѓето да си одат од неа. Моја желба е моите сограѓани да живеат во љубов и хармонија, да нема поделби, да не се прави разлика меѓу луѓето по ниеден основ, сакам секој да биде слушнат, секој да биде среќен.
ВИКИМЕДИА: Да се осврнеме на изминатите осум години од моментот кога ја преземавте локалната власт, па до денес, со кои се предизвици се соочивте и како успеавте да се справите со истите?
Петров: Можам да кажам дека изминатите години беа исполнети со бројни предизвици и проблеми за чие решавање беше вложен огромен труд и напорна работа. Ова особено се однесува на периодот од мојот прв мандат, кога јас ја презедов функцијата Градоначалник и дојдов на чело на општина која тонеше во долгови. Со чесно и домаќинско работење, со добро менаџирање и напорна, вредна работа успеавме да ги раздолжиме сите долгови и да ја вратиме општината на прав пат. Потоа следуваше уште една криза, тоа беше здравствената криза за време на пандемијата со Ковид-19, која искрено не погоди сите нас пред се како луѓе, бидејќи скоро секој од нас во тој период изгуби по некој свој близок, но и тоа заврши и тоа го преживеавме. После тоа работите тргнаа во нагорна линија и Демир Капија забележа огромен развој, се реализираа многу проекти, се реконструираа улици, патишта, училишта, градинки, се реализираа проекти од витално значење за подобрување на животниот стандард на кои јас сум особено горд.
Замислете во 21-ви век да газите по кал, да немате чиста вода за пиење, или воопшто да немате основни услови за нормален живот, сите овие работи пополека успеавме да ги смениме, како во Демир Капија така и во околните населени места. Во областа инфраструктура остануваат уште многу мал број нереализирани проекти, дел од нив се веќе во процес на реализација, а за дел се изработува проектна документација, па верувам дека во најбрзо време и тие ќе се реализираат.
ВИКИМЕДИА: Можете ли да издвоите дел од реализираните капитални проекти во изминатите осум години кои допринесоа за развојот на општината?
Петров: Пред се би ги истакнал бројните инфраструктурни проекти од кои според мене најважни се изградбата на градскиот рекреативен парк по крајбрежјето на реката Бошава и обиколницата во Демир Капија, нејзиното осветлување и партерно уредување.Исто така извршена е реконструкција и изградба на улици, локални и регионални патишта, поставена е нова сообраќајна сигнализација и изградена пешачка патека. Со бројни инвестиции во водовод и канализација, како и со изградба на нови каптажи и резервоари, обезбедено е поквалитетно и постабилно водоснабдување и современо управување со отпадните води. Посебно внимание посветивме на урбаното уредување, подобрувањето на јавната хигиена и заштита на животната средина – со набавка на нова комунална механизација, контејнери, уредување на паркови, спортски и рекреативни простори, како и означување и мапирање на планински патеки. Во областа на културата и образованието извршена е реконструкција и модернизација на Домот на култура, Музејот на виното, училиштата и градинките. Бенефитите од овие проекти ги чувствува секој еден граѓанин на Демир Капија и околните населени места затоа што градевме и ги подобривме условите за живот подеднакво во сите населени места.
ВИКИМЕДИА: Се пофаливте со многу реализирани проекти во изминатиот период, но кои се клучни капитални проекти кои планирате да ги реализирате во следниот мандат?
Петров: Да, како што веќе кажав, голем дел од планираните проекти се веќе реализирани, но има дел што допрва треба да се реализираат. За мене лично како еден од најважните во следниот мандат е прогласувањето на Демиркаписката клисура за заштитено подрачје, бидејќи сметам дека тоа е од особена важност за заштитата на животната средина, нашите реки, затоа што во денешно време сме сведоци на се поголемо уништување на природата, а јас се водам по старата изрека ,,без вода нема живот”. Нашиот крај изобилува со природа, ендемски видови на растителен и животински свет и сето тоа треба да го зачуваме и да го заштитиме.
Следна е изградбата на мала автобуска станица, проект кој се трудев да го реализирам уште во првиот мандат, но поради одредени околности истиот сеуште не е реализиран, иако поголем дел од подготвителните активности за отпочнување на неговата реализација се завршени.
Предвидена е и изградба на пречистителна станица за отпадни води во централното градско подрачје, која исто така е од особена важност за заштита на животната средина и водите на нашиот бисер реката Бошава, како и изградба на Off-road патеки за велосипедисти и мотори, уредување на крајбрежје на река Бошава, изградба на дневен центар за стари лица, реконстукција и асфалтирање на улици и локални патишта, инсталирање паметен видео надзор на јавни површини и многу други кои се ставени во мојата програма, но верувам дека ќе има уште многу проекти кои дополнително ќе произлезат од барањата и потребите на дел од граѓаните.
ВИКИМЕДИА: Македонија, а посебно помалите места се соочуват со проблем со иселувањето на младите генерации, дали вие сметате дека досега направеното е доволно за да се спречи иселувањето, пред се на младите и дали имате идеи како тоа би се спречило во иднина, бидејќи сите сме свесни дека тој тренд на иселување континуирано расте?
Петров: Според мене младите се двигател на едно општество, тие се иднината, тие се нашата сила, па затоа сметам дека ние како локална самоуправа сме должни да создадеме услови за да ги задржиме младите во родното место. За таа цел вложуваме средства во проекти за развој и поддршка на спортот и спортските клубови, организираме бројни културни манифестации и настани меѓу кои дел се со меѓународен карактер. Создаваме услови за развој на туризмот и привлекување на нови инвеститори со цел отварање на нови работни места и економско зајакнување на населението и општината. Ќе се изврши адаптација на објект и негова пренамена во „Младински креативен центар – Демир Капија“. Планираме воведување на политики кои ќе овозможат квалитетно и модерно образование и работилници за кодирање, дигитални технологии и претприемништво. Младинските фестивали и културни настани ќе ги поттикнат младите да ја развиваат и покажат својата креативност.
Економската стабилност на граѓаните и создавањето на подобри услови за живот ќе бидат наш приоритет и во наредниот мандат.
ВИКИМЕДИА: И за крај која е Вашата порака до граѓаните во пресрет на вториот круг од локалните избори?
Петров: Драги сограѓани, Пред нас е уште еден важен момент – вториот круг од локалните избори. Ова не е само избор меѓу кандидати, туку избор за иднината на нашата општина. Во изминатите години, заедно покажавме дека може да се работи чесно, посветено и одговорно. Реализиравме бројни проекти, создадовме подобри услови за живот и направивме чекор напред во развојот на нашата заедница. Сега е време да го продолжиме започнатото. Да не дозволиме притисоци, уцени, манипулации или лажни ветувања да ја одредат нашата иднина. Да го избереме патот на напредокот, сигурноста и стабилноста. Заедно можеме уште повеќе – за нашата општина, за нашите семејства и за иднината на сите нас. Секој глас е важен, и затоа Ве повикувам на 2-ри ноември да излезете масовно и да гласате со чиста совест и по слободна волја. Ја барам вашата доверба за продолжување на развојот и напредокот на нашата Демир Капија.
Вики Клинчарова

