Србија ја одбележа годишнината од падот на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад, кога на први ноември минатата година животот го изгубија 16 лица. Со десетици илјади демонстранти, со комеморативен собир и со транспарент на Петроварадинската тврдина ,,Се гледаме утре и секој втор ден, додека не се задоволи правдата” јавноста упати јасна порака дека сака сите одговорни за трагедијата да бидат изведени пред лицето на правдата.

Помеѓу загинатите граѓани беше и Македонецот Васко Саздовски (45), научник кој работеше во Институтот „Биосенс“ во Нови Сад, каде што се истражуваат и развиваат информатички технологии за земјоделството. Првенец на генерација на Воената Академија, доктор на науки, кој завршил на Универзитетот Кренфилд и иновативец кој се посветил на роботиката.
Во чест и спомен на загинатите, на страницата Граѓанска иницијатива – Нови Кнежевац, се објавија фотографии од сите жртви, направени со помош на вештачка интелигенција, на кои тие седат на железничката станица, спокојни и насмеани чекајќи го својот воз, а околу нив има гулаби. На фотографијата со научникот Саздовски, тој е прикажан со книга во рацете и торба на рамото, а во неговата позадина седи млад пар, Анѓела Руман и Милош Милосављевиќ, кои исто така загинаа во несреќата.
-Нив не ги уби настрешницата, ги уби корупцијата и трулиот систем во земјата Србија! За ова злосторство, ниту по една година, никој не одговараше, пишува на страницата.
Оваа трагедија ги предизвика едни од најмасовните демонстрации во соседна Србија.
Деск

