Се уште не стивнуваат јавните реакции од случката со бугарското знаме на концертот на Цеца Ражнатовиќ во Велес. За едни настанот е намерна провокација, за други пејачката била непрофесионална бидејќи очигледно не ги разликувала државните знамиња, додека пак има и такви кои сметаат дека не треба да се мешаат политиката и музиката и ја поддржаа Ражнатовиќ.
Во секој случај, Цеца со децении наназад важи за миленичка на македонската публика, која ги полни плоштадите за време на општински манифестации, но и клубовите при секое свое гостување.
Во салата Гемиџии во Велес завчера имало околу 5.000 лица во публиката, а пак кон крајот на август, за време на општинска манифестација во Крива Паланка каде таа беше главна музичка ѕвезда, од општината се пофалија со рекордна бројка од 50.000 посетители.
Цели 36 години таа настапува во Македонија, а според информации од нејзиниот тим, првиот настап го имала на свои 16 години, во далечната 1989 година, во ресторан Славе во Куманово.
Истата година настапила во ресторани во земјава четири пати, а веќе во 1991 година имала настап во Кино Вардар во Скопје. Речиси да нема град во земјава каде таа не одржала концерт. Пеела во Струга, Битола, Охрид, Струмица, Штип, Кавадарци, Прилеп, Пробиштип, Дојран, Македонска Каменица, па дури и на стадион во Турново.
Завчерашниот настан беше нејзин прв солистички концерт во Велес. До крајот на годината таа има најавено уште четири концерти, но ниту еден од нив не е во Македонија.
В.К.

