Општина Неготино одбележува 81 година од ослободувањето на градот, но годинава не се доделија традиционалните општински признанија за заслужни граѓани, како и наградата Осми Ноември.
Иако општината објави јавен повик до граѓаните на шести октомври, за поднесување на предлози за добитници на наградата и за признанијата, сепак како што појасни градоначалникот во заминување, д-р Горан Стојанов, одлуката да не се доделат признанијата била во согласност со законските прописи.
-По консултации со правници од Државната изборна комисија, ни беше кажано дека мандатот на советниците од претходниот состав завршува при избор на нови советници.
Мандатот на претходните советници е завршен, а новиот Совет се уште не е конституиран и не може да заседава, со што се создаде вакуум при донесувањето на одлуки.
Поради тоа, ниту стариот, ниту новиот состав на Советот не можеше да одржи седница. Поради неможноста да се носат одлуки, оваа година нема да се доделат наградата и признанијата по повод Осми Ноември, истакна д-р Стојанов, на вчерашната седница одржана по повод општинскиот празник.
Инаку, според одлуката, наградата и признанијата по повод 8-ми Ноември се доделуваат на поединци, претпријатија и други организации, установи, здруженија на граѓани и заедници чии дела, односно резултати во работењето и дејствувањето, придонесле за нивна лична и афирмација на Општина Неготино.
В.К.
Заслужните граѓани во Неготино остана без општински признанија и награда Осми Ноември, д-р Стојанов појасни зошто се донела таква одлука
2 Mins Read

