Потресни зборови и видео снимка со неговата ќерка Надица објави Александар Наунов од Кочани. На видеото се гледа неговата ќерка како ја затвора вратата и заминува по улицата, упатувајќи се во Пулс, нелегалниот објект во кој згаснаа 63 животи во трагичниот пожар на 16-ти март годинава.
Под видеото со последната снимка од неговото дете, тој напиша дека сосема обичното затворање на вратата за него било последниот здив на овој свет.
-Последното затворање на вратата
Тоа беше обично затворање на врата…
Но за мене – тоа беше последниот здив на мојот свет.
Моето дете, мојата Надица, ја затвори вратата со насмевка,
а јас не знаев дека зад неа ќе остане нејзиниот живот,
заробен во пламен, во неправда, во тишина што нема крај.
Наместо да ја чекам со внуци во прегратка,
јас ја чекам во соништата – таму каде што не гори.
Наместо нејзиниот глас, слушам ехо од болка,
наместо чекори по ходникот – тишина што ме гуши.
Помина време, но не и мојата болка.
Надица, ти остана вечна во моето срце,
во секоја свеќа што ја палам, во секоја солза што не престанува.
Твоето име ми е молитва, твојот лик – вечна светлина.
И додека светот заборава, јас ќе живеам за да те паметам, објави Наунов.
Во меѓувреме, секоја сабота во Кочани продолжува мирниот марш на семејствата на невините жртви, кои бараат неселективна правда за своите деца.
Деск

