На 29-ти ноември, со почеток од 19.00 часот во големата сала на ресторан Ројал Парк во Струмица, ќе се одржи деветтото издание на манифестацијата ,,Убави сме, свои сме” во организација на Здружението за помош и поддршка на лицата со попреченост – Вера.
Анче Туфекчиева, која стои зад содзвањето и организацијата на овој хуман настан, за ВИКИМЕДИА вели дека и годинава членовите на здружението ќе чекорат по модната писта во придружба на јавни личности, а целта на ревијата е да се пренесе пораката дека и лицата со попреченост знаат и умеат, само треба да им се пружи поддршка и да добијат помош од заедницата.
-Познати имиња ќе чекорат со нашите учесници, а секое дете ќе биде облечено во гардероба од познати модни куќи и бутици, како од Струмица така и од државата. Настанот ќе биде збогатен со музичка програма од деца од основните училишта кои секоја година се пријавуваат и со голема среќа сакаат да бидат дел од ова хумано случување.
Манифестацијата од година во година се повеќе расте и имаме гости и учесници од цела држава. Оваа година на ревијата ќе продефилираат околу 15 парови и ќе пратат љубов за секој еден, присутен во салата, вели Туфекчиева.
Влезниците за хуманитарната ревија се продаваат по симболична цена од 200 денари, а деновиве на официјалната страница на здружението Вера се објавуваат детали за секој учесник, како и за јавните личности кои ќе продефилираат како придружба на модната писта.
Анче пак, која е креаторот на овој настан, кој со тек на годините стана традиционален, е мајка на Верче, девојче со Даунов синдром. Токму поради безусловната љубов кон своето дете, обидувајќи се да најде начин за подобро прифаќање на сите лица кои се соочуваат со некаква попреченост, таа ја осмисли ревијата, и со години наназад ја вложува целата своја енергија за да овој настан биде национално препознатлив и да придонесе за менувањето на јавната свест.
Оваа храбра мајка е голем активист за правата на лицата со попреченост и стои зад бројни иницијативи за подобрување на животните услови, а борејќи се за својата ќерка, извојува многу битки и за останатите деца со попреченост и придонесе да се слушне нивниот глас.
Вики Клинчарова

