Популарниот фолк музичар Јордан Митев наскоро ќе ја промовира новата песна, посветена на неговиот син Кристијан, кој се роди на верскиот празник Крстовден, во септември годинава.
Тој ја најави песната, потсетувајќи дека пред две децении започнал со снимањето на неговиот прв албум, и со тоа ги поставил темелите на својата професионална музичка кариера.
-Наскоро излегува уште една моја нова песна, овој пат посветена на мојот син, и на сите македонски синови кои што ќе се раѓаат во иднина. Пред точно 20 години во овие ноемвриски денови започнав да го снимам мојот прв аудио албум кој тогаш го насловив “Македонски везови” и тогаш ги поставив темелите на мојата професионална музичка кариера.
После 20 години исто така во ноемвриски денови, последната страница од мојата книга со наслов ,,Јордан Митев” ја испишувам со песна посветена на мојот новороден син. Очекувајте наскоро, поздрав до сите каде и да сте, порача Митев. 
Покрај синот, со сопругата Славица ја имаат и ќерката Кристина, која ја добија пред две години, по шест години брак. И нејзе тој и посвети песна, насловена ,,Ќерка”.
Јордан Митев со години наназад важи за еден од најангажираните фолк музичари во земјава. Посебно има огромен интерес за неговите концерти во дијаспората, кои со месеци однапред се распродаваат.
За дочекот на Новата година ќе настапува во Швајцарија, на 28-ми февруари во Австрија ќе пее на Осмомартовска забава, а на 14-ти и 15-ти февруари ќе гостува во Канада, по повод викендот на виното и љубовта.
В.К.

