Познатиот камерман Сашко Кордов и професорот – историчар Блажо Лазовски од Неготино, на своите сограѓани им подарија интересна документарна емисија за градот, но и за легендарниот лик Усин Тосин, познат како Усо Тимјанички – царот неготински.
Како што раскажува Кордов за ВИКИМЕДИА, емисијата се снимала околу два месеца, и во неа историчарот Лазовски раскажува за Неготино во минатото, но и за легендарниот лик Усо Тимјанички кој е опеан во песна, која пак со години наназад е доста популарна и се пее на свадби.
-Емисијата ја снимивме во чест на нашиот град, по повод 81 година од ослободувањето, за сите луѓе кои оставиле траг низ историјата на Неготино, како и за времето кога градот започнал да се развива. Работевме речиси цело лето на неа, и се надевам дека на јавноста и оставаме едно убаво документирано парче со нашата историја.

Поделена е во два дела, а во првиот дел се зборува за Неготино од 1570 година, како се живеело тогаш и како градот растел низ годините кои доаѓале.
Во вториот дел ја пренесуваме приказната за легендарниот лик Усо Тимјанички, човекот кој живеел во 19 век и ги правел зулумите и беснеењата од 1895 до 1899 и кој со своите зулуми и немири го вознемирувал народот во Неготино.
Се зборува дека по чаршијата им се заканувал на луѓето, барал пари, ги плашел, а најпознат бил по тоа што одел по христијанските свадби непоканет. Ќе дознаете каде бил убиен и на која свадба се случило убиството на Усин Тосин – Усо Тимјанички.
Иако народот страдал од неговите постапки, со тек на време, како да ги заборавиле тие маки – па го опеале во песна ,,Усо Тимјанички, царот неготински”, пред повеќе од 125 години, песна што и ден-денес се пее по свадбите во Неготино, вели Кордов.
Додава дека емисијата веќе има голема гледаност, а била направена по негова иницијатива, од љубов кон Неготино, со цел да не се заборави минатото и да се пренесе на идните генерации.
Во продолжение, линк од документарната емисија:
https://www.youtube.com/watch?v=z39NXjP-4eA
Соработници во емисијата: Раскажува: проф. по историја Блажо Лазовски , Камера: Сашко Кордов, Видео монтажа: Сашко Кордов, Избор на локации: Сашко Кордов, Идеја и иницијатива: Сашко Кордов , Режија: Сашко Кордов, Продукција: Video Gari – Неготино, Аудио обработка: Лазе Ѓорѓиев, Текст и превод: Леонид Велинов, Позадинска музика: Група Кавадарка.
Вики Клинчарова

