Скопје заслужува и ќе биде новогодишно украсено, а ќе има и организиран дочек на Новата година, соопшти синоќа градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, во своето гостување во емисијата ,,Само интервју” на Канал 5.
Како што појасни, поради изборите немало време да се ангажира регионална музичка ѕвезда за дочекот, но затоа ќе настапеле квалитетни домашни изведувачи. Кажа дека и тој со семејството ќе ја дочека Новата година на плоштад, заедно со граѓаните.
За украсување на градот пак, бле предвидени околу 70.000 евра.
Изминатите години, кога Данела Арсовска беше на чело на градот, речиси до последен момент јавноста немаше официјална информација околу тоа дали воопшто ќе има организиран дочек на плоштад.
За дочекот на 2023 и 2024 година беше ангажирана Комората на музичката индустрија на Македонија. Станува збор за организација формирана пред околу четири години, по иницијатива на шесте музички здруженија од различни региони во кои членуваа повеќе од 2.000 музичари, а основана е со педесетина правни субјекти според Законот за формирање стопански комори.
Лани, неколку дена пред новогодишниот дочек од Комората излегоа со јавно обвинување дека естрадните уметници (околу 50 домашни изведувачи) кои настапиле на дочекот во 2024 година, ги добиле единствено средствата обезбедени од спонзори, но од Град Скопје немале добиено ниту денар.
Од Град Скопје пак, тогаш излегоа со став дека немале договор за ангажирање на музичари за 2024 година, и дека таа обврска ја превзела Комората која учествувала на јавен повик на кој истакнала дека ќе организира настан финансиран од повеќе извори.
И двете страни најавија тужби, а граѓаните минатата година само неколку дена пред дочекот дознаа дека сепак организирано ќе се слави на плоштадот Македонија, каде настапија Сара Мејс, Љубојна, Ареа и Нокаут.
В.К.
Фото: Комора на музичка индустрија

