Од почетокот на 2025 година, вкупниот број на жртви во земјава, кои загинале во сообраќајни несреќи е 115.
Во 2020 година 125 лица го загубиле животот како последица на сообраќајни незгоди, во 2021 – 116 лица, во 2022 година – 124.
Во 2024 година 142 лица загинале во сообраќајни незгоди, а 7.156 биле повредени.
Вчера во градскиот парк во Скопје се одбележа Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди, под слоганите „Кажи стоп за смртта на патишта“ и „Разбуди ја совеста“.
За огромниот број на загинати во сообраќајки во земјава, директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, кажа дека не смееме да дозволиме македонските патишта да станат поголемо бојно поле по згаснати животи отколку реалните воени конфликти.
-Тоа се имиња, лица и индивидуални приказни што предвреме завршиле. Сите ние како граѓани, родители, возачи, како дел од општеството и како институции имаме заедничка обврска да ја подигнеме свеста, да влијаеме со личен пример и со секојдневни разговори да градиме подобра сообраќајна култура, порача Јанев.
Бројот на загинати во Македонија е над европскиот просек, а совесните граѓани надеж гледаат во започнувањето со функција на проектот ,,Безбеден град”, во чиј склоп камери ќе регистрираат сообраќајни прекршоци, и истиот треба да профункционира на први јануари 2026 година.
В.К.

