Јас ќе се преиспитам, заедно со мојата екипа ќе ја преиспитаме и можноста пак да настапувам во Македонија, бидејќи кој вели дека ова нема повторно да ми се случи следниот пат, кажа српскиот пејач Аца Лукас во видео порака која ја објави на социјалните мрежи.
По неговото приведување во Кавадарци, каде пеел без соодветна дозвола, во локал во кој биле регистирирани низа на прекршоци, од пренатрупаност, до неиздавање на фискални сметки, во јавното обраќање Лукас вели дека бил повикан во полицијата половина час пред крајот на настапот. Му било кажано дека неговиот настап не е регуларен и дека не бил пријавен.
-Јас неколку дена пред настапот испратив копија од мојот пасош, бидејќи така секогаш работиме. Можеби нешто организаторот направил погрешно во таа пријава и тоа нема врска со мене.
Останав цела ноќ во полициската станица додека да дојде судијата, и имам сознанија дека ова е направно лично против мене или против луѓето со кои соработувам. Ќе дознаеме и ќе објавиме јавно, затоа што ние не се плашиме од никого, истакна Лукас.
Исто така, додаде дека кога дошла полицијата по него, тоа носење во станица било театрално пред околу 2.000 луѓе.
Инаку, од МВР соопштија дека Основниот суд Кавадарци му изрекол парична казна на пејачот, бидејќи настапувал без потребната дозвола.
В.К.

