Третото издание на манифестацијата ,,Неготинско младо вино” ќе се одржи во сабота (29.11.2025) на градскиот плоштад во Неготино, со почеток од 12.30 часот, и предвидена е забавна програма со настап на Фолклорен ансамбл Ацо Ѓорчев и специјалната музичка гостинка, Дани Димитровска.
Годинава настанот на кој се промовираат семејните винарии, младото вино, неготинската пита и маџунот, ќе има и хуманитарен карактер. На штандовите ќе бидат поставени кутии за донации, каде граѓаните ќе можат да остават свој придонес за лекувањето на малата Лилјана Коцева, на која и е потребна хируршка интервенција на клиника во Турција.

Градоначалничката Марија Нацева за ВИКИМЕДИА потврди дека во соработка со Црвениот крст, на секој штанд ќе биде поставена хуманитарна кутија, со цел да му се помогне на семејството Коцеви.
Инаку, за случајот вчера за ВИКИМЕДИА раскажа мајката на Лилјана, Наталија, која ги повика граѓаните и општествено-одговорните компании да се вклучат во акцијата за помош на нивната ќерка, која зад себе веќе имала четири операции. Следната, која ја очекува откако ќе ја соберат потребната сума од околу 13.000 евра, ќе се изведела на клиника во Турција. Како што појасни мајката, се работи за операција на колк и колено, со цел малата Лилјана да може да застане на нозе и да не трпи повеќе болка.
Преку хуманитарната организација Павел Андреев е отворена сметка за донации на следниот линк:
https://pavelandreev.org/mk/campaign/chekor-po-chekor-za-nasmevkata-na-liljana
Вики Клинчарова

