По завршувањето на војната – од 1945 година, 29 Ноември се одбележуваше како Ден на Републиката и беше еден од најголемите државни празници во поранешна СФРЈ, кој свечено се прославуваше низ целата земја.

На овој ден се пееа пофални песни за Тито, се одржуваа приредби во културните домови, а учениците од прва класа станаа пионери. Последната генерација пионери е родена во 1982 година.
Голем број на носталгичари по минатите времиња и по животот во СФРЈ, се уште свежо се сеќаваат на одбележувањето на Денот на Републиката.
По повод празникот, на социјалните групи посветени на минатите времиња и животот во СФРЈ, исто така се објавуваат стари фотографии и видео снимки од тогашниот живот. Се потсетува на пријателството, на истите можности за сите, на фабриките кои успешно работеа во сите републики, на летувањата на Јадранот и на езерата низ Југославија.

Дали тогаш подобро се живееше и кога би имале можност да изберете помеѓу живот во ЕУ и Југославија, кој би бил вашиот избор, е прашање кое може да се забележи на повеќе страници. Бројни се одговорите на постарите генерации кои тврдат дека имале добар и достоинствен живот во Југославија и дека жалат по тие минати времиња, во кои да можат, радо би се вратиле.
-Се стануваше во шест наутро, користевме домашна паста за заби, домашен лосион или парфем, одевме на работа до 15 часот, возевме најчесто Фиќо или Застава 101, имавме време за дружби, пријатели… 
Пазаревме во стоковните куќи, квалитетен домашен текстил, од плата остануваа пари да се оди на летување. Се радувавме на државните празници, се одеше на излет во природа, гости доаѓаа ненајавени.
Секој кој сакаше да работи, веднаш по завршување на средното училиште можеше да најде работа.
Имавме квалитетни детски серии, списанија, се читаа стрипови, имавме едукативни телевизиски програми наместо денешните реални шоу програми кои и се нудат на младината. Бесплатно здравство, образование, сигурност… се само дел од сеќавањата кои ги објавуваат ју-носталгичарите за земјата од која остнаа само стари географски карти на ѕидовите на оние жалат по минатите времиња кога државата ја водеше Маршалот Тито.
Вики Клинчарова

