Српскиот турбо-фолк пејач Аца Лукас наредниот месец ќе одржи два големи концерти во земјава, и тоа во Скопје и Охрид.
Првиот настан е закажан на 20-ти декември во Арена Борис Трајковски, каде со него ќе настапат Мира Шкориќ и Мирослав Илиќ, а пак вториот ќе се одржи на 30-ти декември, во СЦ Билјанини извори во Охрид. Од Охрид заминува во Рума, каде ќе пее на градскиот плоштад за новогодишниот дочек.
Неговото последно гостување во земјава беше во кафе бар во Кавадарци, пред една недела. Тогаш настанот на кој Лукас промовирал своја криптовалута Токен Лукас, беше прекинат, а тој беше однесен во полициската станица, а потоа и парично казнет, бидејќи ги немал потребните документи за настап.
По случката во Кавадарци, која доби огромно медиумско внимание во целиот регион, тој изјави дека средствата од влезниците од скопскиот концерт ќе ги донира на семејствата од Кочани кои се погодени од трагедијата во Пулс.
Инаку, Лукас важи да контроверзен музичар и неретко е мета на критики поради својот животен стил, но истовремено, каде и да настапува, неговите концерти се распродаваат за рекордно кратко време.
В.К.

