Од слобода е лишен кавадарчанец баран за сторени повеќе кривични дела, поднесена е кривична пријава, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Од таму додаваат дека вчера во 18:20 часот во ОВР Кавадарци e задржан Н.Ј.(32) од Кавадарци, кој во 14:25 часот е лишен од слобода на подрачје на СВР Битола, а бил баран по централен распис од ОВР Кавадарци поради основи на сомнение за сторени кривични дела „загрозување на сигурноста“ казниво по член 144, „демнење“ по член 144А и „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ по член 394Г од Кривичниот законик, за што му се поднесени кривични пријави.
Тој е изведен пред судија на претходна постапка во Основен суд Кавадарци, кој му изрече мерка притвор во траење од 30 дена, по што бил спроведен во Казнено – поправната установа Затвор Гевгелија за издржување на мерката притвор, извести МВР.
Станува збор за лицето за кое претходно ОЈО соопшти дека е едно од трите обвинети лица кои му се заканувале на градоначалникот Митко Јанчев и на неговото семејство.
-Првообвинетиот подолг временски период на неговиот личен профил на Фејсбук пишувал објави со говор на омраза, навреди и повици за насилство и закани насочени кон градоначалникот на Кавадарци, поттикнувајќи омраза врз основа на политичка припадност и општествен статус. Обвинетиот 32-годишник објавувал и фотографии од оштетениот и неговите малолетни деца, заканувајќи се и кон нив, а како потврда за сериозноста на заканите споделувал и видеа во кои самиот пукал со автоматска пушка и пиштол.
„Од јули годинава започнал и преку телефонска апликација да се јавува кај градоначалникот, лично и преку пораки да се заканува по животот на оштетениот и неговото семејство“, соопштија вчера од Обвинителството.
Второобвинетиот, исто така, телефонски пренесувал дел од заканите и пораките во име на првиот обвинет. Третиот обвинет коментирал на фејсбук објавите на првиот обвинет, заканувајќи му се со убиство на оштетениот градоначалник.
В.К.
ВО БИТОЛА Е УАПСЕН КАВАДАРЧАНЕЦОТ КОЈ МУ СЕ ЗАКАНУВАЛ НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ МИТКО ЈАНЧЕВ!
2 Mins Read

