Во денешното време, кога човечноста и солидарноста стануваат сѐ поретки, граѓаните на Штип покажаа дека хуманоста сепак не е исчезната. На фејсбук групата „Штипски муабети“ се појави објава од Јасмина Алексов, самохрана мајка која преку социјалните мрежи побара помош за да му подготви роденденска прослава на својот син, кој на 3 декември ќе го прослави својот 5-ти роденден.
Во нејзината објава таа искрено се обрати со молба за поддршка за организирање роденден во домашни услови, истакнувајќи дека нејзиниот син има говорна маана.
Но, реакцијата на граѓаните го надмина секое очекување. Во коментарите под објавата се гледа вистинска хуманост на дело – нешто кое денес се поретко се гледа.
Штипјани понудија целосно бесплатна роденденска прослава во игротека, бесплатна декорација со балони, торта, па дури и бесплатно фотографирање за малиот славеник. Во коментари под објавата на мајката, се редеа понудите на сограѓаните, кои сакаа да дадат свој придонес и да го развеселат малиот славеник.
Овој гест уште еднаш потсетува дека, иако живееме во време кога материјалното често се става пред сѐ, хуманоста и добрината не згаснуваат. Благодарение на добрите луѓе од Штип, едно дете ќе може радосно да го прослави својот 5-ти роденден, а неговата мајка да почувствува дека не е сама.
Марија Клинчарова
Фото: Илустрација

