Вечерва, на Малата сцена во МНТ, со почеток од 19 часот, ќе се одржи промоција на „Александар јава на запад“, новиот роман од Венко Андоновски.
По точно 3 години од објавувањето на еден од неговите најуспешни романи – „Папокот на светлината“, кој веќе брои 6 изданија и му ја донесе на авторот големата меѓународна Толстоева награда, Венко Андоновски се враќа на сцената со „нов жанр“, кој самиот автор пародиски го именува како „чекајќи роман“.
Што се случува кога поради љубов и неправда ќе оживеат два споменика на скопскиот плоштад, оној на Александар и оној на Гоце Делчев, па ќе тргнат да видат како денес изгледа светот? Што се случува кога Александар решава (со Гоце) да тргне на поход на Запад, наместо на Исток, зашто на Истокот веќе бил, а за Западот само слушал дека е подобар и од неговото некогашно царство? Се случуваат фасцинантна фарса, ведра гротеска, хумор до солзи, неочекувани пресврти, апсурди кои засмејуваат, бесмислици кои растажуваат…
Промотори на романот ќе бидат истакнатата македонска книжевна теоретичарка и професорка Весна Мојсова-Чепишевска и долгогодишниот македонски новинар и политички аналитичар Ерол Ризаов.
Од Издавачки центар ТРИ истакнуваат дека настанот има отворен карактер и добредојдени се сите вљубеници во квалитетната книжевност.
Со овој роман Андоновски ја отвора можноста за повторно враќање на театарските сцени со нов сјај. Дотогаш на читателите им преостанува да се нурнат во пишаното.
Книгата ќе биде на продажба на самата промоција, а веќе е достапна во сите книжарници на Издавачки центар ТРИ и онлајн на kniga.mk.
Деск
Previous ArticleЌЕ СЕ СОЗДАВА ЕДИНСТВЕН РЕГИСТАР ЗА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ

