Добропознатиот хип-хоп музичар Слаткар повторно го освои вниманието на својата верна публика со новиот албум „Одличен 5“. Меѓу најистакнатите проекти на изданието е соработката со легендарната Калиопи на песната „Води ме“.
Следува нумерата „Дали ќе ме сакаш“, во која Слаткар му се придружува на младиот артист Пајак, а посебно внимание привлече и меѓународната соработка со Obie Trice, американски рапер познат по хитовите и долгогодишната врска со музичката сцена на Еминем.
По повод музичкиот новитет, Слаткар истакнува дека не издвојува ниту една песна како омилена, но сепак, засега најсилно одекна токму „Сара“ – продолжение на истоимената песна објавена пред 13 години.
Новата верзија ги врати многумина од неговите фанови во периодот на неговите музички почетоци, а кај дел од публиката буди и носталгија за детството, особено кај оние кои уште од тие години му се верни слушатели.
Новата „Сара“ уште еднаш покажува дека Слаткар знае како да ги спои емоциите, раскажувањето и препознатливиот звук, носејќи пакет кој успева да допре до сите генерации.
Марија Клинчарова

