Приказната со пијаниот кавадарчанец кој на трети декември со возило удри во бандера во Неготино, на улица Првомајска, добива продолжение кое крајно ги вознемири жителите на улицата. Дел од нив реагираат јавно и се обратија до редакцијата на ВИКИМЕДИА со фотографии од ,,санирањето” на урнатата бандера, кое, како што тврдат го извршиле екипи на ЕВН.
Освен што ја врзале бандерата со сајли, тие дури и блокирале влез од куќа, а граѓаните реагираат дека стравуваат од трагедија.
-Еве, погледнете и јавноста нека каже дали ова личи на нешто? Вака, аматерски да се санира проблем! Откако пијаниот кавадарчанец удри во неа пред четири дена, дојдоа од ЕВН, само ја врзаа за ѕитчето, и си заминаа! Овде треба нова бандера, бидејќи на секое минување стравуваме дека оваа може да падне и да убие или повреди некого!
Може да направи штета на возило во минување, вака, накриво оставена, сликите се дури неверојатни! Покрај тоа, со сајлите е блокиран влезот на еден од жителите на улицата, реагираат мештаните од улицата Првомајска.
Велат дека јавно упатуваат апел до надлежните служби веднаш да испратат стручни екипи и да се замени искршената бандера со нова, додека не се случила трагедија. Првично, мислеле дека бандерата така ќе стои, врзана, само неколку часа додека да се донесе нова, но како минувало времето, се повеќе се загрижувале.
Инаку, бандерата ја искрши кавадарчанец со 1,83 промили во крвта, откако во неа удрил со возило голф, по што побегнал. По половина час од настанот, полициски службеници од Неготино го пронајдоа и против него е поднесена пријава за безобѕирно управување со моторно возило.
В.К.
ПРОДОЛЖУВА САГАТА СО БАНДЕРАТА ВО НЕГОТИНО КОЈА ЈА УРНА ПИЈАН КАВАДАРЧАНЕЦ: ОД ЕВН ЈА ВРЗАЛЕ СО САЈЛИ И БЛОКИРАЛЕ ВЛЕЗ НА КУЌА!
2 Mins Read

