Неготинци се уште го очекуваат почетокот на градежната ,,офанзива” во центарот на градот, првично најавена од екс градоначалникот д-р Горан Стојанов, која според најавата требаше да започне на почеток на септември, но потоа беше одложена.
Станува збор за изградба на нов плоштад и кружен тек во центарот на градот, а веднаш потоа и реконструкција на тротоарите на улиците Ленинова, на Маршал Тито од плоштадот до маркет Либерта и на Партизанска, од плоштадот до спој со улица 4-ти јули.

Градоначалничката Марија Нацева за ВИКИМЕДИА вели дека изградбата на плоштадот во Неготино е најголемата инвестиција која ќе се реализира, но сепак, поради средување на законски и административни процедури, стартот на овој проект би требало да се случи најдоцна во месец март наредната година.
-Секој проект од предизборната кампања ќе биде реализиран, а сограѓаните ќе добијат модерен и функционален плоштад. Но, поради одредени процедури кои мора да се финализираат, градежните активности ќе започнат наредната година, верувам најдоцна во март. Сепак, ова е голем проект и мора да се внимава на сите детали и поединости. Ветувањата ќе бидат исполнети, вели Нацева.
Додава дека не може прецизно да каже колку долго центарот на градот ќе биде претворен во градилиште, но според првичните неофицијални проценки, изградбата ќе траела најмалку шест-седум месеци.

Според податоците кои пред околу шест месеци ги објави претходниот градоначалник, д-р Стојанов, за овие два проекти, изградба на плоштад и кружен тек, биле наменети околу еден милион и 300 илјади евра, односно, плоштадот ќе изнесувал околу 718.000 евра, а пак кружниот тек околу 580.000 евра.
Дополнително, реконструкцијата на тротоарот на улица Ленинова ќе изнесувала околу 316.000 евра, а реконструкцијата на тротоарите на Маршал Тито од плоштадот до маркет Либерта, и Партизанска од плоштад до спој со улица 4-ти јули, ќе изнесувала околу 122 илјади евра.
Граѓаните со нетрпение чекаат урбаното средување на централното градско подрачје, бидејќи стариот плоштад е во голема мера оштетен, а чести се и апелите за измена на сообраќајниот режим во тој дел на градот, односно воведување на еднонасочен сообраќај на улиците Маршал Тито и Партизанска со почеток од плоштадот. Предлозите на граѓаните за оваа промена доаѓаат првенствено поради одвивање на побезбеден сообраќај, но и поради ослободување на повеќе паркинг места.
В.К.

