Програмата на англиски јазик за доживотно учење „Advanced Clinical Skills in Labour and Childbirth“, што ја реализира Центарот за едукација и доживотно учење (KEDIVIM) при Универзитетот на Западна Македонија, претставува значајна инцијатива за интернационализација и прекугранична соработка, која ја зајакнува размената на знаење и обезбедувањето висококвалитетни услуги во областа на мајчинската здравствена заштита во регионот на Балканот, информра Министерството за здравство.
Од министерството додаваат дека во рамки на програмата беше спроведена практична обука со физичко присуство во Лабораторијата за симулации при Катедрата за акушерство, каде што акушерки од Македонија се обучуваа за напредни техники и вештини, со посебен акцент на природното породување и современата клиничка пракса.
-Преку насочена теоретска и практична едукација, учесничките стекнаа вештини што суштински го подобруваат квалитетот на клиничката пракса во установите во кои работат.
Значењето на едукативниот процес и меѓународната димензија на програмата го истакна научниот раководител на програмата, вонреден професор Димитрис Папуцис, кој забележа дека „моето учество како научен раководител, но и како обучувач во програмата на странски јазик за специјализирана обука, наменета за акушерки од балканските земји, претставуваше исклучително плодотворно и креативно искуство“. Како што посочи, „обуката беше фокусирана на развој и зајакнување на напредни вештини во породувањето, преку комбинација на теоретска едукација и практична обука (hands-on) во современи методи на природно породување“.
Паралелно, тој нагласи дека „суштинската размена на знаења и добри практики придонесе за зајакнување на професионалната улога на акушерките и за унапредување на квалитетна мајчинска грижа на меѓународно ниво“, истакнувајќи дека „програмата на странски јазик има за цел да ја прошири меѓународната соработка и да промовира извонредност во акушерската едукација, пренесувајќи експертиза надвор од границите и зајакнувајќи ја меѓусебната поврзаност на здравствените професионалци во поширокиот балкански регион“.
Програмата се реализира со поддршка на Fetal Medicine Foundation (FMF) и професорот Кипрос Николаидис, со поддршка од Грчката Амбасада во Скопје, Светската здравствена организација (СЗО) и Здружението на акушерки на Република Северна Македонија. По завршување на програмата, учесничките ќе добијат сертификат за специјализација и европски призната стручна обука.
Слични едукативни активности се очекува да се реализираат во наредниот период, со учество на акушерки од сите балкански земји, со што ќе се прошири влијанието на програмата и научната соработка во регионот.
Деск

