Иако сум отселен од Македонија речиси пет години, редовно следам што се објавува во медиумите, и затоа сакам јавно да реагирам, за ВИКИМЕДИА вели нашинец од внатрешноста, кој живеел во Германија заедно со семејството, а неговиот идентитет е познат на нашата редакција.
Како што раскажува, денес ја прочитал веста дека во Република Српска се бараат измени во законот за игри на среќа, односно дислокација на сите казина од близина на училишта, забрана за рекламирање и одземање на лиценци на оние кои пуштаат малолетници, а тоа според него била тема која не била доволно застапена во македонските медиуми.
Замолува да се објави неговата приказна, за која вели дека многумина ќе се пронајдат во истата, и апелира што почесто да се пишува за проблемите со зависноста од коцкање во Македонија, посебно кај помладите генерации.
-Градот од кој потекнувам е убаво место за живеење, посебно последните години, постојано се модернизира, има фабрики, може да се најде вработување. Со сопругата бевме вработени во приватна фабрика, имав и нешто земјоделие, имавме за добар живот. Проблемите ми започнаа кога синот, на негови 18 години замина на студии во Скопје.
Иако беше солиден ученик, набргу сфатив дека има некаков проблем. Постојано му недостигаа пари, започнал и да се задолжува, престанал да оди на предавања…
Кога дознавме што се случува, односно дека тој започнал редовно да оди во казино, а на пат до факултетот имаше сигурно пет-шест казина и обложувалници, за нас започна еден пеколен пат.
Со сите сили се трудевме, постојано разговаравме, баравме начин да си го оттргнеме детето од тој порок. И самиот сфаќаше дека тоа е лош пат, но напразни беа ветувањата, на крај пак завршуваше на апаратите за среќа. Дојде ред да распродава бела техника од дома, и веќе сфатив дека мора да преземеме драстични мерки, ако сакаме да си го спасиме детето.
Одлуката не беше лесна, но со помош на наш семеен пријател, кој подолго живее во Германија, и ние заминавме, вели нашиот соговорник.
Појаснува дека новиот почеток воопшто не бил лесен, морал да го продаде земјоделското земјиште кои го имал во Македонија, за да има доволно средства да изнајми стан во Германија, додека да започне таму да заработува. Посебен предизвик му било изучувањето на германскиот јазик, затоа што, како што вели, да се учи во четириесеттите години не е исто како и да се учи на млади години.
-Сега, донекаде сме, да речам, стабилизирани, но првите две-три години, ние навистина се намачивме овде. И денес, кога син ми веќе работи, влезен е во некое нормално секојдневие, јас искрено се плашам да дојдам на лето во родната куќа, во Македонија. Го имам тој страв дека можеби пак ќе влезе во казино, и знам дека некому можеби ова ќе му звучи дури и смешно, ама оние кои имале дома зависник од комар, сигурно ќе ме разберат.
Затоа, ги замолувам медиумите повеќе да пишуваат на темата, ги охрабрувам луѓето кои минале низ таа зависност да се охрабрат и да ги раскажат своите приказни, затоа што тука се афектирани судбините на цели семејства, посебно кај оние зависници кои имаат мали деца за гледање, раскажа нашиот соговорник.
Порачува дека државата мора да изнајде начин да се решат проблемите поврзани со коцкањето, бидејќи неговото семејство не било единственото кое минало низ трнлив пат, туку проблемот бил масовно раширен, но за жал, се уште табу тема за која ретко кој јавно се охрабрувал да зборува.
Вики Клинчарова
Фото: Илустрација

