За време на новогодишните празници, Виена се претвора во вистинска зимска бајка, исполнета со светилки, музика и мирис на зачини. Божиќните и новогодишните пазари – познати како адвенти, се срцето на празничната атмосфера и нудат различно доживување во секој дел од градот.

Посетата најдобро е да започне од Stephansplatz, срцето на Виена. Адвентот e сместен веднаш до импозантната катедрала „Свети Стефан“ не е премногу голем, но е исклучително воодушевувачки.
Раскошното осветлување, елегантните новогодишни декорации и историскиот амбиент создаваат магична атмосфера, особено во вечерните часови.
Тука се препорачува пауза со некој топол напиток, бидејќи понудата е одлична и совршено се вклопува со празничниот дух.
Најголемиот и највпечатлив адвент во градот е без сомнение Rathaus Advent, кој се наоѓа пред Градското собрание. Со повеќе од стотина божиќни куќички, овој пазар нуди сè што може да се посака за празниците од традиционални слатки и топли специјалитети, до рачни изработки и украси.

Просторот е особено популарен кај семејствата, бидејќи располага со рингишпили и големо лизгалиште, што му дава дополнителна динамика и празнична радост. За оние кои сакаат поинакво, потивко и поавтентично доживување, Altwiener Advent е вистинскиот избор.
Овој адвент важи за најшармантен и најавтентичен од сите и се наоѓа во помирен дел од градот, далеку од големата гужва. Тука доминира старовенскиот дух на Виена со традиционална музика, скромни декорации и богата понуда на рачно изработени сувенири.
Атмосферата е интимна и топла, идеална за посетители кои сакаат да ја почувствуваат вистинската празнична традиција. Посебно доживување нуди и Schönbrunn Advent, сместен пред величествениот дворец Schönbrunn.

Овој адвент е прилично голем и се одликува со широко уреден простор, бројни борови и впечатливо осветлување кое совршено се вклопува со историскиот амбиент. Има многу куќички со сувенири и подароци, како и лизгалиште, но за разлика од другите адвенти, понудата на храна е помала.
Сепак, локацијата и атмосферата го прават овој пазар задолжителна станица за секој посетител.
Без разлика дали станува збор за големи и раздвижени адвенти или мали и автентични пазари, Виена во предновогодишниот период нуди незаборавно искуство.

Комбинацијата од традиција, светлина и празнична радост го прави градот идеална дестинација за оние кои сакаат да ја почувствуваат вистинската магија на зимските празници.
Марија Клинчарова

