Граѓаните на Неготино позитивно го дочекаа најавениот организиран дочек на Новата година на плоштад, со музика и штандови со храна и пијалоци, како и украсувањето на градот, кое во минатото беше минимално и на некој начин, недостасуваше празничниот дух.
Откако по осум години пауза, градоначалничката Марија Нацева годинава ја соопшти празничната програма, која вклучува дневни активности за најмалите, хуманитарени базари и заеднички дочек со домашни музичари, граѓаните не го кријат своето задоволство.
Градот влезе во празничен дух со светлечки украси, новогодишни елки и декоративни инсталации, кои го разубавија централното градско подрачје, создавајќи топла и весела атмосфера за граѓаните и посетителите.

За украсувањето, од општинскиот буџет биле одвоени околу 500.000 денари, а центарот на Неготино годинава изгледа поубаво и пооживеано од претходно.
Чести се коментарите дека организираните настани го враќаат чувството на празнична блискост, и дека откако во 2017 година беше укината традицијата на заеднички дочек на плоштад, во градот владееше штама за новогодишната ноќ.
Забавата на 31-ви декември ќе започне во 12.00 часот со ликовите на Гринч и Стич, а во 12.30 ќе настапи популарниот трап музичар Пајак.
Вечерта пак, програмата започнува во 22.30 часот, а ќе настапат Татијана Стефановска, Влатко Миладиноски и оркестарот на Златко Миладиноски.
Новогодишен огномет на полноќ нема да има, првенствено поради тоа што најчесто предизвикува вознемиреност кај лица со попреченост и бебиња, ги плаши милениците, а и поради превенција од загаденост на воздухот. Поради истите причини, од огномет годинава се откажаа и Кавадарци и Скопје.
В.К.

