Автопортретот на мексиканската сликарка Фрида Кало „El sueño (La cama)“ е продаден на аукција на куќата Sotheby’s за 54,7 милиони долари, со што е поставен нов светски рекорд за најскапо дело на уметница некогаш продадено на аукција.

Сликата, настаната во 1940 година, го надмина претходниот рекорд што го држеше американската уметница Џорџија О’Киф со делото „Jimson Weed/White Flower No.1“, продадено за 44,4 милиони долари во 2014 година. Аукциската куќа истакна дека продажбата претставува „историски момент“ и дека го потврдува статусот на Кало како една од најзначајните сликарки на 20. век.
Делото на аукцијата го понуди приватен колекционер, а беше проценето на износ меѓу 40 и 60 милиони долари.
Надреалистичкиот автопортрет ја прикажува уметницата во кревет, опкружена со симболи на соништата и смртта, што е честа тема во нејзиното творештво.
Фрида Кало е родена на 6 јули 1907 година во Којоакан, предградие на Мексико Сити, а починала на 13 јули 1954 година на истото место. Нејзините дела, често автопортрети, ги одразуваат физичката болка и емоционалните страдања што ги доживувала, но и силната поврзаност со мексиканскиот идентитет и култура.
Ова воедно е и најскапото латиноамериканско уметничко дело некогаш продадено на аукција, надминувајќи го претходниот рекорд на Кало од 2021 година, кога нејзиниот автопортрет „Diego and I“ достигна цена од 34,9 милиони долари. Стручњаците истакнуваат дека рекордната цена покажува растечки интерес кај колекционерите за латиноамериканската уметност, но и за уметниците кои долго време биле потценети во историјата на уметноста.
М.К.

