Ски центарот Михајлово, лоциран на планината Кожув, на околу 35 километри од Кавадарци, од денес официјално ја започнува зимската сезона. Ова е втора година откако центарот започна со работа, а градоначалникот Митко Јанчев ги повика сите љубители на планината и зимските спортови да го посетат Михајлово.
-По успешното отворање минатата година, ски-патеката „Македонија“ во Михајлово повторно започнува со работа и денес од 10:00 часот официјално ја отвора новата зимска сезона! Патеката ќе функционира до 19:00 часот, а по потреба и до доцните вечерни часови. Денешниот ден е прв ден од сезоната, подготвен за сите љубители на снегот и зимските спортови.
Ова е втора зима по ред како Михајлово станува вистински зимски центар за сите генерации, место каде што снегот, радоста и дружењето се спојуваат во едно незаборавно искуство.
Подгответе ја зимската опрема, повикајте ја дружината и уживајте во вистинската зимска атмосфера, порача Јанчев.
Од завчера започна изработката на вештачки снег со сите топови и се очекува да се произведат околу 7.000 м³ снег.
Минатата година ски –центарот беше свечено отворен на први јануари. Теренските работи на ски-центарот се донација од компанијата „ЈА МИ“ – Кавадарци, а инвестицијата е донација од 231.660 евра од кои 115.000 евра се од Комерцијална банка, а 115.000,00 евра од „Кожувчанка ДОО“, компанијата на градоначалникот Јанчев.
Деск

