Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, изрази сочувство до семејството на 16-годишниот Стивен Ивановски, кој го изгуби животот во катастрофалниот пожар во бар во Швајцарија за време на новогодишната ноќ. Семејството на младото момче е по потекло од делчевско Ѕвегор, а веста дека е идентификувано помеѓу починатите, беше соопштена денес.
-Со тежина на душата и силна болка, Делчево и Ѕвегор со неверување денес стојат со неизмерна тага.
Еден млад живот, полн со надежи, соништа и иднина остана недораскажан, а патот по кои што беше тргнат – недовршен.
Пожарот во дискотеката во Кранс-Монтана во Швајцарија го украде животот на нашиот Стивен и остави празнина во нашите срца.
Од мое лично име упатувам порака на утеха и поддршка во овие тажни мигови до семејството на нашиот сограѓанин.
Нека споменот за него биде вечен, нека се претвори во тивка молитва за покој на неговата душа. Не си заминуваат луѓето што ги носиме во нашите срца. Бог да го прости, објави Гоцевски.
Во пожарот кој според првичните информации бил предизвикан од употреба на пиротехника во барот, загинаа 47 млади лица, а над сто се повредени.
Деск
ЕДЕН МЛАД ЖИВОТ ОСТАНА НЕДОРАСКАЖАН: ДЕЛЧЕВСКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК СО СОЧУВСТВО ДО СЕМЕЈСТВОТО НА СТИВЕН
1 Min Read

