Во земјава, речиси да нема човек кој не слушнал за отец Оливер Петровски од Драчево, кој повеќе од десет години раководи со хуманитарната организација Свети Спас. Организацијата работи под покровителство на Македонската православна црква и со благослов од нејзиниот поглавар г.г. Стефан, а благодарение на посветеноста на отец Оливер, стотици семејства редовно добиваат помош во храна, облека, средства за хигиена…
Неговата работа одамна ги надминува рамките на духовната служба, претворајќи се во континуирана мисија на помош, поддршка и човечност.
Преку бројни хуманитарни активности, отец Оливер активно се вклучува во обезбедување храна, облека и основни животни потреби за семејства во социјален ризик, стари и изнемоштени лица, како и за оние што се соочуваат со ненадејни животни тешкотии. Со поддршка од верниците и локалната заедница, Свети Спас редовно организира хуманитарни акции, кои стануваат пример за заедничка грижа и меѓусебна помош.
-Тие кои имаат повеќе, да им дадат на оние кои немаат ништо, е она според кое се води отецот, на кого секојдневно му се приклучуваат бројни волонтери, во подготовката на оброците кои се доделуваат на луѓето од социјален ризик.
Организацијата има редовни донации во храна од хумани граѓани, а и од општестевно-одговорни компании, и на страницата на Свети Спас секојдневно, транспарентно се објавува кој донирал, колку оброци се приготвени, како и апели за помош на луѓе на кои им се случиле разни непогоди и кои останале без кров над глава или пак без покуќнина.
Во секојдневието исполнето со предизвици, ретки се примерите кога духовната служба јасно се преточува во конкретни дела. Токму тогаш, улогата на свештеникот добива подлабоко значење – кога пораките од олтарот се потврдуваат со човечка грижа на терен.

Таквиот пристап ја враќа довербата кај граѓаните и покажува дека духовната порака не е само теорија, туку начин на живот. Кога свештеникот застанува рамо до рамо со народот, кога слуша, помага и споделува, тогаш зборовите добиваат тежина, а примерот станува поучен.
Верниците велат дека токму ваквите постапки оставаат најдлабока трага – затоа што во тешките моменти, подадената рака значи повеќе од секоја беседа. Делата зборуваат јасно, а хуманоста станува најсилната проповед.
Кога свештеникот помага со дела, тој не само што ја извршува својата духовна мисија, туку ја претвора верата во вистинска надеж за заедницата.
Вики Клинчарова

