Во текот на првата недела од 2026 година (29.12.2025 – 04.01.2026), во Македонија се пријавени 1.725 случаи на групни пријави за заболени од грип/заболувања слични на грип, 2,2 пати повеќе во споредба со претходната недела, соопштија од Инситутот за јавно здравје.
Во однос на возрасната дистрибуција, 749 лица се на возраст од 15-64 години, 618 – деца на возраст од 5-14 години, 229 – деца на возраст од 0-4 години и 129 се лица на возраст над 65 години. Највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст од 5-14 години.
Заболените лица се во Скопје – 716, Тетово – 339, Куманово – 150, Велес – 109, Штип – 60, Дебар – 54, Гостивар – 49, Прилеп- 45, Охрид – 44, Битола – 40, Струмица – 38, а во Кавадарци, Неготино, Струга, Демир Хисар, Виница, Македонски Брод и Радовиш, бројот на заболени е помал од 30.
Во Дебар се бележи многу висока активност на грипот, во Велес и Тетово – висока активност, средна активност се регистрира во Скопје, Куманово и Штип, во 10 единици се бележи сезонска активност, додека во две единици (Радовиш и Демир Хисар) се бележи многу ниска активност на вирусот на грип.
-Се забележува значително зголемување на бројот и инциденцата на заболувања слични на грип на неделно ниво. Во текот на првата недела од 2026 година, за првпат во сезоната е регистрирана средна активност на грипот на национално ниво. Резултатите добиени од вирусолошкиот надзор над инфлуенца покажуваат дека има регионална географска активност на вирусот на грип.
Процентот на позитивност е над границата од 10% четири недели со ред. Согласно овие податоци, во Македонија има висок интензитет на вирусот на грип, со очекување на понатамошно зголемување на активноста во наредниот период, соопштија од институтот.
Деск
ГРИПОТ КОСИ ВО ЗЕМЈАВА, НАЈГОЛЕМИОТ БРОЈ НА ЗАБОЛЕНИ СЕ ДЕЦА ОД 5 ДО 14 ГОДИНИ
2 Mins Read

