Во рок од околу 24 часа регистрирани се два речиси идентични случаи на измама со лажен лекар, кој за наводно скршена нога и операција со вградување на шипки, успеал да добие повеќе од еден милион денари. Измамените лица се на возраст од 77 години, и станува збор за маж од Виница и жена од Штип. Деталите ги соопшти Министерството за внатрешни работи.
-Вчера во 17:30 часот во ОВР Виница, 77-годишен жител на Виница пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од над 430.000 денари. Според пријавеното, претходно во текот на денот лицето му се јавило, се претставило како лекар и го известило дека неговата ќерка е во болница поради скршеница на нога за која било потребно да се изврши операција со вградување на шипки. Како што е пријавено, лицето му ги побарало парите и откако се договориле во неколку наврати ги однел на договореното место. Како што е пријавено, откако се вратил дома му се јавила неговата ќерка, по што сфатил дека е измамен. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за расчистување на случајот, велат од МВР за едниот случај.
Завчера пак, во 16:30 часот во СВР Штип, 77-годишна жена од Штип пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 700.000 денари.
Според пријавеното, претходно во текот на денот лицето ѝ се јавило, се претставило како лекар и ја известило дека нејзината сестра била во болница поради скршеница на нога за која било потребно да се изврши операција со вградување на шипки. Како што е пријавено, лицето ѝ ги побарало парите и откако се договориле во неколку наврати ги однела на договореното место. Исто така, според пријавеното, подоцна во нејзиниот дом допла нејзината внука и заедно ја контакриле нејзината сестра, при што сфатила дека била измамена.
Се преземаат мерки за проаноѓање на сторителот и за расчистување на случајот, истакнаа од полицијата.
Деск

