Предлог закон со кој се планирани ригорозни мерки против пушењето ќе биде ставен на јавна расправа. Од ТВ Телма објавија дека дошле до верзијата со која се предвидуваат најстроги забрани досега, како на пример забрана за пушење во сите угостителски локали, без исклучок, забрана за пушење и на летни тераси, доколку не се отворени од три страни, забрана за пушење во автомобил во присуство на дете, забрана за пушење на пазари, автобуски и железнички станици…
Исто така, се предлагала и забрана за производство, увоз, дистрибуција, продажба и ставање во промет на тутунски и никотински производи кои содржат ароми или вкусови, како и забрана за видливо изложување на цигари на рафтови во продавниците.
Овие законски измени на Законот за пушење наскоро треба бидат објавени на платформата ЕНЕР и да отворат јавна дебата.
Веднаш по објавата на веста за најавените драстични забрани за пушачите, истата наиде на поделени мислења, а угостителите потсетуваат на периодот од пред десеттина години, кога беа актуелни строги мерки против пушење во локали. Потсетуваат на драстично опаднатиот промет и намалената посетеност, како и на правото на слободен избор, односно секој да има можност да одлучи дали во неговиот локал ќе има пушачки дел, или пак целиот објект ќе биде непушачки.

-Кафеаната отсекогаш била место за кафе, алкохол, цигара и музика, и кај нас доаѓаат луѓе-боеми. Со овие предвидени измени, ние ќе треба да ставиме катанец на врата, за ВИКИМЕДИА велат сопственици на угостителски локал, присетувајќи се како своевремено им бил опаднат прометот, кога на сила беа строгите мерки против пушење во локали.
Појаснуваат дека треба да се разграничи што е кафеана, а што кафуле или лаунџ бар, и точно да се одреди каде е дозволен влез за малолетници, дури и во тек на ден.
И пушачите се децидни дека мора да се најде компромис, односно решение со кое нема да бидат ускратени ничии права, односно секој да има избор дали ќе посети објект во кој има, односно нема дел за пушачи.
Од друга страна пак, непушачите тврдат дека не сакаат од кафеана дома да се враќаат мирисајќи на чад на цигари и самите да бидат пасивни пушачи, а пушачите да си пушеле единствено дома.
Кога е пушењето во угостителски објекти во прашање во соседството, односно во Србија, Грција или Бугарија, речиси секој локал има простор за пушачи и за непушачи. Она кое е впечатливо, токму во делот за пушачи ретко може да се најде слободна маса.
В.К.

