Според податоците за имот на јавните функционери кои се објавуваат на страницата на Државната комисија за спречување на корупција, најимотниот градоначалник во Македонија е Менди Ќура, кој е на чело на Општина Струга.
Тој истовремено е и сопственик на градежната компанија ,,Трим и Лум” а неговиот имотен лист е помеѓу најдолгите во анкетните листови.
Од подвижен имот, Ќура пријавил дека има возило Мерцедес, кое го купил пред три месеци по цена од околу 150.000 евра. Во Скопје имал недвижен имот во зграда во Центар во вредност од 120.000 евра, како и стан во Карпош со вредност од 150.000 евра.
Во Струга пак, имал две недвижнини во станбена зграда, со вредност од 136.000 евра и 166.000 евра.
Исто така, во Струга пријавил дека има и шест недвижнини со вредност од 43 илјади евра, 60 илјади евра, 115 илјади евра, 131 илјади евра и од 500 илјади евра.
Пријавил и земјоделско земјиште со вредност од 200 илјади евра, уште едно вредно 50 илјади евра, и пасиште, исто така со вредност од 50 илјади евра.
Освен во земјава, пријавил имот и во Албанија, а станува збор за куќа која вредела десет милиони евра.
Инаку, Ќура дојде на функцијата градоначалник на Струга, како наследник на Рамиз Мерко.
Деск

