Иницијативата „Супорт Кочани“ која се појави во интернет етерот кога земјата се уште беше во шок од пожарот во Пулс, во кој загинаа 63 младинци и деца, а околу 200 лица беа повредени, стана симбол за поддршка, надеж и несебична помош за оние на кои им е најпотребна во 2025 година.
Во нејзиното срце се волонтерите – млади луѓе со широка душа и движечка сила што ја обединува заедницата, поттикнува доверба и покажува дека хуманоста сè уште има силен глас.
Сите донации кои беа собрани преку иницијативата, беа транспарентно објавени на нивната официјална страница, и поделени беа помеѓу повредените и семејствата на загинатите.
На 5-ти јуни лани иницијативата објави дека над 600.000 евра биле префрлени директно на сметките на овие кои биле најпогодени. По пет дена пак, објавија дека ја исплатиле првата фактура за набавка на компресивна облека наменета за повредените од трагичниот настан во Кочани, во вредност од 923.458 денари.
Потоа информираа дека пристигнале 407 кутии со силиконски лепенки Atrauman Silicone, со вкупно 4070 лепенки, како дел од континуираната хуманитарна помош за повредените од трагичниот настан.
Во јули пристигнала втората пратка со 43 парчиња компресивна облека за 17 повредени лица, а исто така во јули реализираа донација наменета за повредените со Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија – Скопје, материјали во вредност од 286.120 денари.
Во август ја обезбедија и третата донација на компресивна облека, а истиот месец објавија извештај за реализирани донации – Над 4,5 милиони денари обезбедени за засегнатите лица од Кочани.
Во ноември известија дека е реализирана втора распределба на донации, финансиска поддршка на 137 лица, со нето износ распределен по лице од 71.900 денари.
На 14-ти ноември ја реализираа и четвртата пратка компресивна облека, вредна 452,537 денари, односно 44 парчиња компресивна облека за 14 лица.
Овие податоци, транспарентно објавени на нивната официјална страница најгласно зборуваат дека секој поединец може да придонесе за подобро општество.
Нивната посветеност останува инспирација и повик до сите граѓани да се вклучат, да помогнат и да бидат дел од позитивните приказни што го прават општеството похумано.
В.К.

