Со своите песни, на концерт кој утре ќе се одржи во Струмица, Аца Лукас на струмичани ќе им ја промовира својата крипто валута Лукас Токен.
-Настанот се организира со поддршка на „Lukas Token“ ($LUKAS), а цената на картата во претпродажба изнесува 1.000 денари. Струмица ја очекува ноќ за паметење и музички спектакл за кој долго ќе се зборува, пишува во најавата за концертот.
Истиот ќе се одржел во клубот „The Public“, а пред Лукас, гостите ќе ги забавувал диџеј Јанчев.
Познатиот српски музичар веќе извесен период низ земјава ја промовира својата крипто валута. На последниот настан во Кавадарци, концертот му беше прекинат бидејќи немал потребна работНа дозвола, а кавадаречкиот суд откри дека му била изречена глоба од 50 евра. Олеснителна околност за судот било примерното однесување на пејачот, и тоа што за организацијата на настапот било ангажирано правно лице, а Лукас не ги обезбедувал потребните дозволи непосредно.
Но, и покрај случката, голем број на кавадарчани вложиле во неговиот Лукас Токен. Како што дел од нив раскажаа за ВИКИМЕДИА, некои купиле крипто валути во вредност од стотина евра, но имало и такви кои инвестирале и по неколку илјади евра.
За можниот ризик од загуба, кажаа дека се свесни дека постои, но сепак имале верба во пејачот и во неговиот проект.
В.К.

