Правиш порачка за еден производ, добиваш нешто сосема поразлично, најчесто безвредно. Тоа е новата измамничка шема која веќе неколку месеци наназад е актуелна во Македонија, кога се во прашање онлајн измамите.
Голем број на граѓани реагираат дека преку онлајн продавници, кои имаат свои страници на Фејсбук, порачале еден производ, а откако им стигнал пакетот, и го платиле, кога го отвориле останале без текст.
-Порачав чај за слабеење, добив мала кутија во која беа спакувани перлон хулахопки!
-Порачав убава јакна со крзно, добив излитена половна јакна која нема допирна точка со она кое беше на фотографиите на онлајн продавницата, реагираат измамени граѓани.
Појаснуваат дека телефонскиот број оставен на пратката, а на кој ѕвонеле за да се пожалат поради производот испратен по грешка, не бил во функција. Кога праќале пораки на страницата, преку која порачале производ, веднаш биле блокирани.
И во групите на социјалните мрежи, кои се наменети за обелоденување на онлајн измами, може да се најдат стотици објави од измамени граѓани.
-На страница за продажба на обувки на Фејсбук, која има над 40.000 следбеници, порачав убави, модерни чизми. Кога стигна пратката, имаше што да видам. Внатре во кутијата ставиле обувки кои на пазар можат да се купат и за 200 денари, како хартија беа. Веднаш по реакцијата, бев блокирана од страна на наводната онлајн продавница, вели наша соговорничка.
Повеќето измамени граѓани велат дека не ги пријавувале случаите, затоа што се работело за суми кои не биле многу високи, од околу 1.000 па се до четири или пет илјади денари, и не сакале да губат време, бидејќи не верувале дека измамниците ќе бидат откриени.
Алармираат да се внимава при порачки преку интренет, и се сомневаат дека измамниците купуваат веќе разработени страници на Фејсбук, кои имаат голем број на следбеници, со цел да делуваат веродостојно.
-Ова е една разработена шема, и многу лесен начин за заработка. Порачав пантолони, добив крпа! Па и крпата беше со ужасен квалитет, ја фрлив во ѓубре, предупредував во разни групи за измамничката страница за продажба, но станува збор за вредни измамници, тие постојано отвораат нови страници, вели наша соговорничка.
Друга соговорничка пак, раскажува дека смислила начин како да им врати за измамата. Кога добила влечки во кутија, наместо чевлите кои ги порачала, и кога наводната онлајн продавница ја блокирала, нејзина другарка порачала три пара чевли од истата. Кога стигнала пратката, не ја подигнала.
-И пишуваа на другарка ми зошто не ја подигнала пратката, таа им одговори дека со измамници не сака да има работа и ги блокираше. Штетата не ми е надоместена, ама барем се почувствував подобро, затоа што делумно им вратив за измамата, вели младата жена.
Голем е бројот и на оние кои порачале модерна гардероба од онлајн бутик, а добиле парчиња износена облека.
Е-трговијата, каде продавач или давател на услуги ги нуди своите стоки или услуги преку интернет е доста застапена ширум светот, а е-трговците мора да го почитуваат законот за заштита на потрошувачите.
За да врши електронска трговија, е-трговецот најпрво треба да се регистрира како трговско друштво (правно лице) во Централен регистар. Сепак, поради недоволна регулација на онлајн просторот, истиот стана плодна почва за развивање на измамнички шеми.
В.К.

