Откако денес во домот на родителите на судијата Ѓоко Ристов во Неготино, скриени во ѕид беа пронајдени 350.000 евра, пари со сомнително потекло, потрагата по уште пари и докази продолжува, а истовремено Ристов останува на слобода.
Според Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК), се продолжувало со постапувањето, и јавниот обвинител ценејќи ги сите околности, деновиве ќе проценел во однос на мерки за обезбедување присуство на осомничениот, за што навремено ќе била информирана јавноста.
Денес обвинителството и МВР известија дека претресот во домот на родителите на судијата, но и во други простории на подрачје на Неготино, бил извршен заради пронаоѓање на предмети кои потекнуваат од сторени кривични дела.
-При претресот во соѕидан простор во ѕидот до овој момент се пронајдени 350.000 евра за кои постои сомнение дека биле незаконски стекнати и прикриени.
Денешното постапување е како резултат на дејствија преземени во рамките на опсежната истрага на ОЈО ГОКК откако на 14 декември 2025 беше осомничен адвокат поради сомненија за кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание.
Станува збор за една од најопсежните истраги поради сомненија за висока корупција во нашата држава до сега, која е поткрепена со информации и известувања од Агенцијата за национална безбедност, кажаа од полицијата.
Деск
СУДИЈАТА РИСТОВ ОСТАНУВА НА СЛОБОДА, ПОТРАГАТА ПО УШТЕ ПАРИ И ДОКАЗИ ПРОДОЛЖУВА
1 Min Read

