Неготино денес се простува со Милена Радман, жената благодарение на која музичките ризници се збогатија со една безвременска песна, а која до последниот момент ја красеше скромност, па никогаш, и покрај големиот јавен интерес, не прозборе јавно за песната и не даде ниту едно интервју на темата. Наместо тоа, таа ја остави музиката да зборува.
-Милена генерацијо моја, да смо се раније срели… стихови кои со децении одекнуваат во етерот и евергин на култната хрватска група ,,Нови фосили” со кој растеа генерации, а е посветен на Милена од Неготино. Приказната за Милена, инспирацијата на авторот на музиката, Рајко Дујмиќ, со текст на Зринко Тутиќ, за првпат одекна во далечната 1983 година и остана да трае. Кантавторот Дујмиќ, во постаро интервју за хрватските медиуми раскажуваше за средбата со Милена, за време на летниот одомор кој го минувала со другарки во Хецег Нови, за долгиот разговор кој го имале, и ветувањето кое и го дал, дека ќе се најде во песна.
-Таа беше социјален работник во Неготино, моја генерација, разговаравме цела ноќ, а по неколку години, кога со Нови Фосили бевме на турнеја во Неготино, таа дојде со сопругот и децата во спортската сала Младост каде настапувавме. Започна да плаче, не и се веруваше дека ќе го остварам ветувањето и ќе ја овековечам во песна, раскажуваше Дујмиќ.
Но, и покрај големиот јавен интерес за тоа која е Милена, таа никогаш во животот не се огласи јавно, и не прозборе за песната. Во минатото, неколкупати се обидовме да направиме интервју со неа, но Милена едноставно не сакаше да се експонира.
-Рајко Дујмиќ зборуваше за песната во минатото и се е кажано. Милена никогаш не сакаше јавно да зборува за тоа, и не верувам дека некогаш ќе се согласи да даде интервју за медиумите на темата. Песната остана да сведочи за тоа кратко познанство, и така нека остане, пред неколку години ни кажа нејзина другарка од Неготино, со која заедно биле на летувањето во Херцег Нови.
Голем број на музичари во песна ги опеале жените кои некогаш ги сретнале во животот и кои им оставиле впечаток. Тука е ,,Селма” на Жељко Бебек, која дури и се појави во ТВ гостување, неколку години пред да почине, водителката Данка Нововиќ од хитот ,,Данка” на Тома Здравковиќ, која исто така јавно зборуваше за пријателството со Тома, како и ,,Инес” на Раде Шербеџија и Арсен Дедиќ, за која Дедиќ раскажа дека била уметничка од Милано, и секоја година доаѓала во Загреб, каде останувала по неколку дена.
Легендарните песни кои се посветени на вистински личности, секогаш го привлекуваат вниманието на публиката, и неретко слушателот сака да ја дознае приказната за тоа која била инспирацијата за делото. Во случајот со Милена пак, неготинци со гордост при секое слушање на песната спомнуваат дека е посветена на нивна сограѓанка. Скромна по природа, таа иако никогаш не се огласи јавно, останува засекогаш овековечена во песната која е химна на многу генерации.
В.К.
НИКОГАШ ЈАВНО НЕ ПРОЗБОРЕ ЗА ПЕСНАТА: МИЛЕНА ОД НЕГОТИНО, ИНСПИРАЦИЈАТА НА РАЈКО ДУЈМИЌ ЗА ИСТОИМЕНИОТ ЕВЕРГРИН, ЗАМИНА ВО ВЕЧНОСТА
3 Mins Read

