Уште една фантастична вест за македонскиот филм објави Агенцијата за филм, а станува збор за краткиот филм ,,Никола, Никола”, македонско-амреиканска копродукција во режија на Леон Ристов.
– Краткиот филм „Никола, Никола“, во режија на Леон Ристов, ќе биде прикажан за време на фестивалот Санденс. Годинава, Ристов е меѓу десеттемина филмаџии селектирани во рамките на Sundance Institute Ignite x Adobe Fellowship – иницијатива за кариерен развој и промоција на млади режисери.
На 27 јануари ќе се одржи специјална проекција на кратки филмови од селектираните автори во Парк Сити, Јута, меѓу кои и македонскиот „Никола, Никола“. По проекцијата, ќе следи разговор со публиката на кој ќе присуствуваат Леон Ристов и останатите учесници, соопштија од агнецијата.
Главните улоги во филмот ги толкуваат Стефан Јевтич и Филип Трајковиќ. Сценариото е на Леон Ристов и Ени Нинг, монтажата ја потпишува Мартин Иванов, додека директор на фотографија е Самир Љума.
„Никола, Никола“ е македонско-американска копродукција помеѓу Облуда филмс и Дрим фактори Македонија, а продуценти се Каустуб Сингх и Огнен Антов.
Б.Н.

