Основното јавно обвинителство се огласи по повод вчерашниот настан, кога кавадарчанец беше повреден со остар предмет од страна на неговата сопруга. Како што соопштија од обвинителството, сопругата на кавадарчанецот во раните утрински часови, под дејство на алкохол со нож го прободила во левото и десното рамо.
-На 25 јануари, утрото, во состојба на пијанство со присуство на 2,61 промили алкохол во крвта, осомничената вршела семејно насилство и телесно го повредила својот сопруг. По вербална расправија, зела нож од кујната и го прободела оштетениот во левото и во десното рамо, а потоа го гребела по вратот и телото, велат од обвинителството.
Станува збор за 30-годишна државјанка на Хрватска со привремен престој во Кавадарци, и таа е осомничена дека сторила кривично дело – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Од обвинителството додаваат дека Јавниот обвинител, имајќи ги предвид сите околности, оцени дека се исполнети законските основи и до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кавадарци достави предлог за определување мерка притвор за осомничената.
Деск

