Минималната плата во Македонија е 24.379 денари, односно 397 евра, а Сојуз на синдикатите на Македонија го организира денешниот протест со барање за 600 евра минимална плата и 100 евра зголемување на сите останати плати.
Вредноста на Синдикалната минимална кошница пак, за јануари 2026 година изнесува 66.413,00 денари, а со изнајмен стан од 60 квадрати минималната кошница за јануари изнесува 81.788 денари.
Претседатлот на ССМ, Слободан Трендафилов ги повика работниците на денешниот протест, кој ќе започне во 17.00 часот пред Работничкиот Дом на ССМ, порачувајќи им да не се плашат да излезат, бидејќи им должат само на нивите семејства да живеат сите заедно пристоен живот.
-Овој протест е за вашите плати, затоа што истите не стигнуваат од први до први. Овој протест е против неправдата, затоа што тие земаат 10 пати поголема плата од вашата. Овој протест е поради тоа што тие за себе обезбедуваат 250 евра зголемување на нивните плати, а за вас ниту 25 евра.
Се гледаме на улица во 17 часот од пред симболот на работничката борба – Работничкиот Дом на ССМ.
Оттаму продолжуваме пред Собранието каде што пратениците се слепи и глуви на предлогот на Сојузот на синдикатите на Македонија за зголемување на вашите плати, а имаат по две, две и пол и три илјади евра плата.
Продолжуваме кај газдите кои се најголемите виновници и кои 36 години ви ги иселија најголемиот дел на вашите пријатели, другари, семејства од Македонија и завршуваме пред Владата, таа која како симбол 36 години не прави апсолутно ништо за работниците.
Мораме да кажеме гласно дека платите во Македонија се мизерни, дека функционерите за себе си обезбедуваат луксуз на грбот на сиромашниот народ.
Мора работниците да сфатат дека само заедно можеме да се избориме за работничките права, истакна претседателот на ССМ.
Деск
РАБОТНИЦИТЕ ИЗЛЕГУВААТ НА УЛИЦА: МОЖЕ ЛИ СО МИНИМАЛНА ПЛАТА ОД 397 ЕВРА ДА СЕ ЖИВЕЕ ПРИСТОЕН ЖИВОТ?!
2 Mins Read

